Чудесна партија на миленикот на Комити – одбрани пет пенали за едно полувреме (ВИДЕО)
Српскиот ракометар, кој остави длабока трага во црвено-црниот дрес и беше дел од шампионската генерација на Вардар, блескаше во дресот на Фуксе Берлин во дербито од Бундеслига против Магдебург, кој неговиот тим, сепак, го загуби (33-35). Милосављев буквално „спушти ролетна“ на голот, откако успеа да одбрани неверојатни пет седмерци – и тоа само во првото полувреме! Потег кој ретко се гледа дури и на највисоко ниво.
Токму ваквите партии беа негов заштитен знак и во Скопје, каде што со своите интервенции често ја креваше салата на нозе и беше еден од омилените играчи меѓу навивачите. Со новото маестрално издание, популарниот Банда уште еднаш потсети на деновите кога беше еден од клучните херои во европската титула на Вардар – и потврди дека и денес е меѓу најдобрите во светот.