Боли, Милевски!
По чудото во Палермо и историската победа над Италија во полуфиналето од баражот за пласман на СП, која федерацијата 15-тина месеци не ја извади од уста и ја користеше за да покаже дека „сѐ е добро и дека сме на вистински фудбалски пат“, на Македонија ѝ се случи најголемиот срам и понижување. Седумката која ни ја испорача Англија, нѐ тресна и нѐ освести дека сите во ФФМ, почнувајќи од селекторот Благоја Милевски го имаат загубено компасот!
Долго време живеевме во филм колку сме силни после Палермо. Потценувачки и божем свесно ја игнориравме Лигата на нации, а сите проблеми ги туркавме под тепих, со потенцирање дека уметничкиот впечаток е најважен. Синоќа балонот конечно пукна, а ние завршивме на столбот на срамот. Доживеавме да ни се смее цел свет, а единствени на кои во моментов не им е смешно сигурно се Италијанците, откако сфатија од кого всушност загубија лани во март.
Милевски амбициозно го најави „проектот 2024“, со главна цел пласман на континенталниот шампионат, но уште на почетокот се соочи со – огромно разочарувања! Силната Македонија на неговиот претходник Игор Ангеловски, која можеше да се носи со секого, одеднаш се претвори во „вреќа за боксирање“ и тоа по период во кој „сеачите на магла“ од Куќата на фудбалот трошеа енергија да нѐ убедат колку лошо се работело порано, а колку добро се работи сега, односно како среќно сме стигнале на Еуро 2020, а како сега со добра игра и резултати ќе дојдеме до таа цел.
Тие се обидоа да нѐ убедат дека победата во Палермо и елиминацијата во бараж-финалето се повредни од настапот на голем турнир, со цел да го сокријат хаосот - пропаста на клупскиот фудбал, мизерни младински селекции, „фотелјашко-менаџерски шеми“ со националните тимови во сите возрасти. Без никаков концепт и само опиени од милионите од ФИФА и УЕФА, чии пари многу добро ги трошат за удобноста со паушали, шетања, гоштевања...
Главен виновник за бламажата во Манчестер и континуитетот лоши резултати е селекторот, за тоа никој нема дилема. Освен тој лично. Со кој кредибилитет селекторот сака да продолжи после ваков срам и неисполнети очекувања? Извинување не ни треба, ни треба оставка. Боли, Милевски, многу боли седмицата на „Олд Трафорд“.
Милевски не е виновен само за ужасот со Англија и пресврт-поразот од Украина, туку, меѓу другото и за прокоцканиот добиен меч на Исланд (од 2-0 до 2-2), меч кој можеше и да го загубиме, а можеше и да нѐ остави без мундијалски бараж, ако Исланѓаните не ни помогнаа со ремито против Романија во Букурешт. На Македонија под палката на Милевски ѝ се повторуваат истите грешки - од слаба реализација, лоша дефанзива, до јунскиот проблематичен месец во кој физички и психолошки сме исцрпени. Кога вакво нешто ќе се случи еднаш, тоа може да е случајно, ама кога вторпат ќе се случи тогаш е – проблем.
Но, многу поголем проблем е кога Енис Барди ќе каже дека проблемот е во менталитетот, во тоа дека мора секој да си ја преземе одговорноста. Како наеднаш, репрезентацијата која имаше и менталитет и карактер успеа сѐ да загуби, па на прв примен гол да се откаже, да делува загубено, незаинтересирано, безволно. Дека во репрезентацијата многу работи не функционираат ни најави Грузија, па ни дојде поразот од Бугарија, па шлаканицата од Азербејџан која божем требаше да нѐ освести и после сите тие разочарувачки резултати, сите самоубедени верглаа дека лекциите се научени и дека А-тимот чекори по вистинскиот пат. Можеби чекориме по вистински пат, ама сигурно во погрешен правец. Наместо кон напредок – спринтаме кон бездната!
Но, дали е само Милевски виновен и дали тој треба да биде жртва на целокупниот хаос во македонскиот фудбал, кој несомнено веќе почна да има силен импакт врз националниот тим? За неисполнети верувања, за популизам и политикантство, за сеење магла и за сѐ што нефункционира има и поголем виновник од Милевски – тоа е Муамед Сејдини. Веднаш по претседателот, секако и комплетниот Управен одбор составен од неработници. Одговорноста за хаосот почнува од врвот, тој го донесе селекторот, тој треба да одговара за лошиот избор, настрана за сите циркузи и смешки со федерацијата, начинот на водење, мизеријата од резултати на сите нивоа, за сите уништени генерации и соништа на фудбалери поради лични и партиско-политички интереси.
Сѐ освен комплетно заминување на раководната структура на ФФМ нема да донесе ништо подобро, макар Милевски го замениле трипати и со трипати поголеми имиња. Системот веќе со години е гнил и бара комплетен рестарт. Во спротивно, Англија може да ни биде само почеток на пропаста и најава за враќање кон мрачните и срамни години.