Пол Еспаргаро се повлече од трката за ГН на Холандија во Мото ГП

Мотоциклистот на Репсол Хонда, Пол Еспаргаро нема да настапи викендов ниту во квалификациите ниту на трката за Големата награда на Холандија што се вози на „Асен“ во Мото ГП шампионатот. 

Шпанецот заработи повреда на ребрата минатиот викенд за време на слободниот тренинг број 1 откако излета на патеката „Захсенринг“ во Германија. Тој некако успеа да собере сили да настапи на трката, но се повлече по само осум кругови. 

Еспаргаро и натаму е повреден и не е во состојба да се трка овој викенд. Тој се обиде вчера да вози за време на слободниот тренинг, но едноставно не можеше да го даде најдоброто па реши да се повлече од настапот. 

Репсол Хонда викендов ќе има само еден мотоцикл на патеката и тоа оној на Штефан Брадл.