„Пирели“ најави истрага поради дупнатите гуми на Силверстоун

Снабдувачот со пневматици во Формула 1, „Пирели“ најави истрага околу инцидентите со дупнатите гуми во завршницата од гранприто на Силверстоун вчера, откако Луис Хамилтон на три тркала успеа да победи, ама настрада Валери Ботас.

Марио Изола од италијанскиот снабдувач со гуми ја најавил истрага оолу инцидентите, кои последен пат на Силверстоун се случиле и во 2013 година, кога гумите експлодирале на низа возачи, меѓу кои и на Хамилтон.

„Ќе истражиме што се случи во последните кругови, но сега е рано да се даваат некакви заклучоци. Можеби е поголемото трошење бидејќи после 38 кругови на оваа стаза, тие посебно се потрошени, но не можам да кажам дека баш тоа е причината. Можеби е причина остатоци од болидот на стазата, зашто предно крило падна од болидот на Кими Раиконен неколку кругови претходно. Сепак, истрагата мора да биде темелна и не смее да се сведе само на тие што им пукнаа гумите, туку на сите, за да видиме дали има некои индикации за тоа што се случи. Не исклучуваме ништо, најбитно е да направиме темелна анализа за да избегнеме можни повторувања на вакви случаи“, рече Изола.

Хамилтон после трката посочил дека неговите гуми не биле сто отсто потрошени, туку најверојатно инцидентот кој се случил е од остатоци од крилото на Раиконен.