Ништо ново во Формула 1: Ферстапен доминантно до победата и во Џеда

Актуелниот светски шампион Макс Ферстапен ја оствари 56. победа и 100. подиум во кариерата откако денеска триумфираше на трката за Големата награда на Саудиска Арабија во Џеда.

Ред Бул оствари еден-два победа бидејќи со 10 секунди заостанување, второто место го освои тимскиот колега на Ферстапен, Серхио Перез. Трката не понуди никаква драматика бидејќи холандскиот возач рано направи голема предност која потоа ја одржуваше до крајот.

 

 

Место на подиумот обезбеди и возачот на Ферари, Шарл Леклерк, но денешната трка беше мошне значајна за неговиот тимски колега, 18-годишниот Оливер Берман кој дебитираше во Формула 1 и дојде до првите бодови во кариерата, освојувајќи го седмото место во конечниот пласман.

По две трки, Ферстапен има максимален број бодови и се наоѓа на првата позиција во генералниот пласман. Следната трка од Светското првенство е на програмата на 24 март за Големата награда во Австралија.