Маса поднесе тужба против ФИА за титулата во 2008 година

Поранешниот возач во Формула 1, Фелипе Маса соопшти дека поднел тужба во Лондон против Меѓународната автомобилска федерација (ФИА), како и поранешниот прв човек на Ф1, Берни Еклстон поради титулата во 2008 година.

Маса реши да се бори до крај и да бара правда пред Суд, а освен титулата, сака и отштета во висина меѓу 60 и 150 милиони фунти.

„Секогаш се борам до крај. Затоа што Ф1 и ФИА не преземаа ништо, ќе бараме да се корегира оваа историска неправда пред судовите“, кажа Маса.

Бразилецот во 2008 година заврши на втората позиција, откако имаше еден бод помалку од шампионот Луис Хамилтон.

На трката во Сингапур во 2008 година, Нелсон Пике намерно предизвика инцидент во 14. Круг за да излезе безбедносно возило на патеката, а тоа му овозможи на Фернандо Алонсо да победи, додека Хамилтон заврши како трет, додека Маса беше дури на 13. позиција.