Луд спринт во Јапонија: Маркез победи, судиските казни направија хаос на подиумот!

Шпанскиот мотоциклист, Марк Маркез, е победник на спринт-трката за Големата награда на Јапонија, која утринава се возеше на патеката Мотеги.

Возачот на Дукати без поголеми проблеми стигна до триумфот во спринтот долг 12 кругови, но она што наликуваше на рутинска завршница се претвори во вистинска драма по поминувањето низ целта, откако судиските одлуки целосно го променија конечниот поредок. Хорхе Мартин првично низ целта мина како второпласиран, но славјето во таборот на Априлија не траеше долго. Тој доби казна од едно место поради пречекорување на границите на патеката во последниот круг, по што на официјалната листа падна на третата позиција. Истата судбина го снајде и Енеа Бастијанини, кој низ целта мина трет, но поради идентичен прекршок во последниот круг беше казнет и назадуваше на четвртото место.

Најголем профитер од овој хаос беше Диого Мореира, кој низ целта мина како четврти, но благодарение на казните на Мартин и Бастијанини, скокна за две позиции и го освои второто место. Мартин во завршницата имаше очигледни проблеми со прилепувањето на задната гума, што веројатно придонесе за неговата грешка и излегувањето надвор од белите линии. Пех доживеа и актуелниот шампион Франческо Бањаја. Возачот на Дукати мораше непланирано да замине во боксот откако му отпадна дел од задната гума, поради што трката ја заврши на разочарувачкото 19-то место. Без пласман во бодовите остана и Педро Акоста, кој имаше одлична стартна позиција како третопласиран.

Главната трка за Големата награда на Јапонија е на програмата в недела со почеток од 7 часот наутро.