Иџе со солиден пласман во првата трка на Имола за нови бодови во ТЦР Италија

Најдобриот македонски автомобилист, Игор Стефановски Иџе го освои солидното шесто место на денешната прва трка од натпреварувачкиот викенд на патеката Имола, во рамките на ТЦР Италија-шампионатот.

Македонскиот автомобилист стартуваше од шестиот ред, се бореше и за петтата позиција, но на крајот може да биде задоволен и од освоеното шесто место. Иџе освои осум бодови во генералниот пласман, па има вкупно 60 од само шест трки на кои учествуваше сезонава во ТЦР Италија.

Победник на денешната трка беше Микел Аскона, а на победничкиот подиум имаше место и за Џонатан Џакон и Феличе Џелмини. Утрешната, втора трка на Имола, ќе се вози од 12:40 часот, со што ќе биде комплетирана сезоната.