Хамилтон: Некој има нешто против мене, затоа ме казнија за – глупост!

Луис Хамилтон заврши како трет на денешната трка за Големата награда на Русија во Сочи, првенствено поради казната од 10 секунди што ја доби поради „подготовка пред почетокот на трката на недозволен дел од патеката“, поради што смета дека има нешто против него.

Британецот двапати вежбаше старт надвор од означеното подрачје, што е строго забрането, па поради тоа беше казнет со по пет секунди казна за секој престап. Тој „пеналите“ ги одработи во боксот и загуби многу, но на крајот сепак успеа да дојде до 15 бодови.

„Мора да видам какви се правилата и каде направив грешка. Сигурен сум дека никој пред мене нема одработено ваква казна, ова е глупост. Никого не загрозив. Милион пати го имам направено ова низ годините и никогаш ме немаат казнето за тоа. Некој се обидува да ме запре на патеката, но и тоа е ок. Ќе останам фокусиран и ќе видам што ќе се случува во иднина“, изјави Хамилтон.

По триумфот на Валтери Ботас, предноста на Хамилтон во однос на клупскиот колега падна од 55 на 44 бодови.