Хаас ги менува двајцата возачи: Грожан и Магнусен си заминуваат

Хаас Ф1 следната година ќе има комплетно нова возачка постава, откако американскиот тим објави дека Роман Грожан и Кевин Магнусен нема да ги продолжат договорите. 

Грожан е со тимот уште од неговото влегување во Формула 1 во 2016 година, додека Данецот пристигна една година подоцна. Според шпекулациите, Хаас сака да ги намали трошоците со оглед на големите плати на овие двајца возачи. Сезонава двајцата возачи освоија вкупно три бода, Грожан два, додека Магнусен само еден. 

Планот на американскиот тим е да доведе возачи, кои самите зад себе ќе имаат големи спонзори. Затоа според шпекулациите главен кандидат за едно од празните места ќе биде Русинот Никита Мазепин, кој моментално се натпреварува во Формула 2, а зад него стои неговиот татко кој е милијардер.

Опција за Хаас е и Мик Шумахер, кој е член на академијата на Ферари, но синот на легендарниот Михаел Шумахер е во конкуренција за болидот на Алфа Ромео на местото на Антонио Џовинаци.