Фетел: Секако дека сум подобар возач од Хамилтон!

Себастијан Фетел и Луис Хамилтон и оваа сезона се главните конкуренти за освојување на титулата во Формула 1, а со секоја наредна трка расте нивното ривалство. Денеска, пред слободните тренинзи во Силверстоун, Германецот од Ферари долеа масло на огнот.

Фетел и Хамилтон од секогаш имаа контроверзен однос, со конфликти, пасивно-агресивни прес-конференции, така што не е чудо ако егото избие на површина од време на време. Така беше денеска кога Фетел го прашаа дали смета дека е подобар возач од актуелниот шампион, Хамилтон.

„Секако дека мислам оти сум подобар возач од Луис. Секој има свои силни страни и слабости. Има работи во кои тој е подобар од мене. Мислам дека Луис е голем талент со одлични вештини во болидот. Тоа се неговите најголеми квалитети. Дали сум загрижен поради него? Да, бидејќи тој е ривал. Многу сакам да го победам за да дојдам до петтата титула, бидејќи тоа ќе значи дека ќе го победам оваа сезона. Меѓутоа не размислувам за титулата се уште. Мислам дека многу поважно е да продолжиме да го развиваме болидот. Минатата сезона водев, но ни избега титулата токму затоа што не бевме доволно силни и константни“, вели Фетел.

Германецот води во генералниот пласман со само еден бод предност, откако Мерцедес доживеа дебакл на послендата трка во Австрија. Хамилтон ќе бара да се врати во колосек на неговата домашна трка, викендов во Силверстоун.