Ферстапен призна дека се обидел да ги изманипулира возачите на Мекларен!
Тој по завршувањето на сезоната призна дека неговите изјави и провокации кон Ландо Норис и Оскар Пјастри не биле случајни, туку дел од стратегијата во трката за титулата. Уште во октомври, пред решавачките трки, Ферстапен јавно ги отфрли наводите дека се служи со психолошки притисок, правејќи паралела со драматичната сезона 2021 и дуелот со Луис Хамилтон.
„Тогаш тоа беше играта што ја играв. Дали ќе го правам тоа повторно? Немам потреба. Во 2021 немав освоено титула, а сега имам неколку. Логично е оние кои сè уште не биле светски шампиони да бидат понервозни“, изјави Холанѓанецот тогаш
Сепак, во интервју за Виаплеј по крајот на шампионатот, Ферстапен отворено призна дека психолошките игри никогаш не престанале. Тој потврди дека изјавата оти би ја освоил титулата месеци порано доколку возел болид на Мекларен била намерна провокација.
„Тоа е дел од мене, доаѓа автоматски. Го правам и малку за забава. Знаеш дека тоа ќе биде пренесено насекаде и дека ќе предизвика реакција. Ми се допаѓа, бидејќи и тоа е дел од играта“, заврши холандскиот возач со насмевка на лицето.