Ферстапен најбрз во Шпанија, Норис и Хамилтон зад него

Светскиот шампион Макс Ферстапен стигна до нова победа во Формула 1 откако денеска беше најбрз на трката за Големата награда на Шпанија.

По возбудливиот старт, Ферстапен го престигна Ландо Норис и го диктираше темпото на трката. Холанѓанецот постојано беше на лидерската позиција, освен во моментите кога менуваше пневматици.

Норис извозе одлична трка и во финишот се обидуваше да го стигне Ферстапен кој сепак не дозволи изненадување. На третото место на подиумот заврши Луис Хамилтон.

Во генералниот пласман Ферстапен останува лидер со 219 бодови, зад него следи Леклер со 150, додека Ландо Норис е трет со два бода помалку.