Ферари поднесе жалба до ФИА и си ја побара победата во Канада

Возачот на Ферари, Себастијан Фетел помина прв низ целта на трката за Големата награда во Канада, но победата му припадна на Луис Хамилтон бидејќи Германецот беше казнет со пет секунди.

Фетел на 22 круга пред крајот на трката на небезбеден начин се врати на патеката, па така го загрози Хамилтон и поради тоа беше казнет.

„Мора да бидеш слеп доколку мислиш дека по поминување преку трева можеш да имаш контрола над болидот. Имав среќа што не завршив во ѕидот. Каде требаше да одам, по ѓаволите!? Овој свет не е фер и не ми се допаѓа одлуката“, збесна Германецот.

Ферари по трката реши да поднесе жалба до ФИА на контроверзната одлука и сега имаат 96 часа за да решат дали ќе продолжат со жалбата, која потоа ќе пристигне до Меѓународниот суд на ФИА за жалби.

Инаку, според правилникот на Ф1 казната дадена за време на трката не може да биде предмет на жалба, па останува да видиме дали ќе се исплати жалбата на Ферари.