Драма во Мерцедес, Расел го пропуштил шампионското славје

Големо разочарување во тимот на Мерцедес по Големата награда на Мексико. Британскиот возач Џорџ Расел не се приклучи на прославата на својот тимски колега Кими Антонели, кој со освојувањето на третото место на трката ја обезбеди светската шампионска титула во Формула 1. Расел, кој зад себе има уште една трка исполнета со технички проблеми, бил видно разочаран, а шефот на тимот, Тото Волф, јавно призна дека Мерцедес го изневерил својот возач.

Антонели на 20 години и 68 дена стана најмладиот светски шампион во историјата на Формула 1, четири трки пред крајот на сезоната. Расел му ја честиташе титулата, но набргу потоа ја напушти патеката и не присуствуваше на прославата. Тој не ги исполни ниту своите медиумски обврски, поради што доби парична казна од 5.000 евра.

Британецот ја започна трката од втората позиција, но проблемите со испораката на енергија од батеријата го чинеа драгоцено време и го спуштија на шестото место. Дополнително, доби и казна од десет секунди поради инцидентот со Исак Хаџар.

Шефот на Мерцедес, Тото Волф, не се обиде да го сокрие разочарувањето од случувањата и призна дека тимот не му овозможил на Расел да се бори за победа.

„Го видов Џорџ по трката и беше очигледно дека е целосно скршен од сè што се случи. Го познавам многу долго и кога го видов, помислив дека ова е катастрофален момент за еден возач. Можеше да ја победи денешната трка. Имавме брзина во болидот, но го изневеривме уште на првиот правец. Испораката на енергија не беше онаква каква што очекувавме“, изјави Волф.

Тој додаде дека целосно ја разбира одлуката на Расел веднаш да ја напушти патеката и да не учествува во медиумските активности.

„Во овој момент целосно го разбирам. И самиот сум бил во ситуации со кои е многу тешко да се справиш. Затоа е сосема разбирливо што не ги исполни медиумските обврски и ја напушти патеката. Всушност, ќе бев изненаден доколку останеше“, порача Волф.

Расел ја започна сезоната со високи амбиции, но резултатите не ги исполнија очекувањата. Во моментов се наоѓа на четвртата позиција во генералниот пласман, а оваа сезона ја одбележаа бројни технички проблеми и пропуштени можности.

Британецот не успеа да ги заврши трките во Канада, Белгија и Сингапур, а дополнителни проблеми имаше и на неколку други настапи. Според проценките, само поради трите откажувања загубил потенцијални 43 бода.

„За жал, оваа сезона тоа се случи премногу пати и едноставно моментално се наоѓаме во таква ситуација“, изјави Расел по откажувањето во Сингапур.

На Големата награда на Мексико победи Макс Ферстапен, второто место му припадна на Луис Хамилтон, додека Кими Антонели со третата позиција ја обезбеди шампионската титула. Расел заврши на шестата позиција.