„Добивав смртни закани после трилерот во Абу Даби“

Поранешниот директор на трките во Ф1, Мајкл Маси, кој повеќе не ја извршува оваа функција во „октанскиот циркус“ откри дека на крајот на минатата година добивал смртни закани после трилерот во Абу Даби, кога Макс Ферстапен во последниот круг го претекна Луис Хамилтон за да ја освои шампионската титула.

Маси од Ф1 доби отказ, остана на работи во Светската автомобилистичка федерација (ФИА), но и од таму си замина. Беше обвинет дека летечкиот последен круг не бил според пропозициите, во кој Хамилтон ја загуби шампионската круна.

„Минав многу мрачни денови, се чувствував дека сум најомразената личност на светот. Секојдневно добивав смртни закани. Ми се закануваа луѓе дека ќе дојдат по мене, по моето семејство... И ги гледав луѓето, па се прашував дали некој од нив ќе тргне по мене“, рече Маси.

Најмногу закани добивал од навивачите на Мерцедес, зашто нивниот адут Хамилтон не ја одбрани круната за да стане најтрофеен на сите времиња.

„Пораките беа шокантни, расистички, навредливи... Немаше збор кој не беше искористен за напади кон мене и не само на Фејсбук, туку дури и на Линкедин, која требаше да биде професионална и бизнис платформа. Не сакав со никого да разговарам, ни со пријателите, сакав само да бидам сам. После сѐ, ова искуство ме направи посилен“, додаде Маси.