Ботас славеше во Јапонија: Мерцедес постави нов рекорд во Ф1

Валтери Ботас славеше на трката за Големата награда на Јапонија, откако утринава беше најбрз на патеката „Сузука“. 

Финецот до третата сезонска победа стигна откако на стартот ги престигна двата болиди на Ферари, кои ги имаа првите две позиции по квалификациите, што се одржаа исто така утринава поради лошото време вчера во Јапонија. Себастијан Фетел финишираше како втор, а победничкиот подиум се искачи и Луис Хамилтон од Мерцедес.

Со оваа победа и трето место, Мерцедес официјално ја освои шампионската титула кај конструкторите и тоа по рекореден шести пат по ред. Германскиот тим го урна рекордот, што претходно го држеше Ферари со титули од 2000 до 2004 година.

Во бодови денеска влегоа и Александер Албон (Ред Бул), Карлос Сајнц Јуниор (Мекларен), Шарл Леклер (Ферари), Даниел Рикардо (Рено), Пјер Гасли (Торо Росо), Серхио Перез (Рејсинг Поинт), Нико Хулкенберг (Рено).

На четири трки до крајот Хамилтон е лидер во генералниот пласман со 338 бодови и се наоѓа пред освојување на шампионската титула. Втор е Ботас со 274 бодови, Леклер е трет со 223, а потоа следуваат Фетел и Ферстапен со по 212 бодови. 

Следната трка се вози за Големата награда на Мексико на патеката „Ерманос Родригез“ на 27 октомври.