Без паника: Обезбедени се преноси за Формула 1 во Македонија!

Фановите на Формула 1 во Македонија, сепак, нема да останат изневерени и ќе можат да ги следат трките во новата, 2018 сезона.

ТВ-преносите од трките во Формула 1, за територијата на Македонија ексклузивно ги обезбеди Телевизија 24. Иако сезоната веќе почна и заврши првата трка, во Австралија, сепак, остатокот од календарот во Ф1 ќе им биде достапен на македонските гледачи.

Пред почетокот на сезоната, па и за првата трка, важеше информацијата дека на македонските ТВ-оператори нема ниту една телевизија која ќе ја емитува оваа содржина откако МРТ не го обнови договорот. ТВ-мрежата Спортклуб ги купи правата од Ф1 само за својата српска филијала, а во Македонија зрачи хрватската верзија на оваа регионална телевизија. 

Оттука, во македонската јавност и особено по социјалните мрежи се рашири големо незадоволство, дури се појавија и онлајн-петиции за да се преземе нешто и Македонија да не остане без преноси од најпопуларниот авто-мото спорт.

Преносите ќе почнат од трката за големата награда на Бахреин, на 8 април, а по неа ќе следат уште 19, засклучно со 25 ноември, кога ќе се вози во Абу Даби. Телевизија 24 ќе биде четвртиот македонски канал по МРТ, Канал 5 и Алфа, која некогаш пренесувала трки од Формула 1.