Алекс Маркез ја освои Малезија за трета победа сезонава – катастрофа за Бањаја!

Шпанскиот мотоциклист, Алекс Маркес, триумфира во денешната трка за Големата награда на Малезија на патеката „Сепанг“ — негова трета победа оваа сезона во шампионатот на Мото ГП.

Возачот на Грезини Дукати ја обезбеди победата уште во првите две круга, со агресивни напади во четвртиот свиок против Педро Акоста и Франческо Бањаја, по што презеде водство кое не го испушти до крајот на трката. Маркес успеа да создаде предност од речиси една секунда уште во раната фаза од пресметката и потоа рутински ја контролираше трката до последниот круг. На целта, шпанскиот ас имаше предност од 2,6 секунди пред Акоста.

Младиот Педро Акоста од КТМ имаше подобро темпо и поголемо „лепење“ на асфалтот, што го искористи во своја полза за да го помине двојниот светски шампион во 13-тиот круг. Бањаја, пак, доживеа нов удар — три круга пред крајот се повлече поради механички проблем со својот мотор. Од неговото откажување најмногу профитираше Жоан Мир, кој се искачи на подиумот вторпат оваа сезона, откако претходно беше меѓу најдобрите и на домашната трка на Хонда во Јапонија.

Зад водечкото трио, Франко Морбидели и Фабио Квартараро го заокружија првите пет позиции, а меѓу првите десет завршија уште Фабио Ди Џанантонио, Енеа Бастијанини (кој стартуваше дури од 19. место), Лука Марини, Бред Биндер и Аи Огура. Поени освоија и Марко Бецеки, Жоан Зарко, Алекс Ринс, Џек Милер и Сомкиат Чантра.

Со денешното откажување, Бањаја падна дури на четвртата позиција во генералниот пласман, губејќи го третото место од Бецеки, кој има пет поени повеќе пред последните два круга. На врвот остануваат недостижни Марк и Алекс Маркес со 545, односно 413 поени.

Сезоната во Мото ГП ќе заврши со две трки на Иберискиот Полуостров, а следната станица е Големата награда на Португалија во Портимао (7–9 ноември).

ФОТО: EPA PHOTO