Во Самсунспор полни со самодоверба: Утре Шкендија – мора да ја победиме!

Шкендија утре ја чека реваншот против Самсунспор во Конференциската лига во Турција, а денеска тренерот Торстен Финк ја одржа редовната прес-конференција.

За Финк кој на клупата на Самсунспор пристигна неколку дена пред натпреварот во Скопје ова ќе биде прв домашен натпревар и посакува само победа.

„Првпат ќе го водам тимот на домашен терен и со нетрпение го чекам натпреварот. Пласман во осминафиналето би бил историски успех за клбуот, кратко време сум, но мислам дека донесов една нова енергија. Во првиот натпревар покажавме дека можеме да бидеме многу добри, утре мораме да победиме. Сакаме да бидеме добри во контранапади и транзицијата, иако не сме тим што ќе игра само на контри. Нема да чекаме и ќе ја играме нашата игра. Сигурно дека ќе ни биде потребна и поддршката од навивачите“, изјави Финк.

Заедно со него пред медиумите зборуваше и напаѓачот Шериф Ндиаје.

„Победивме во првиот натпревар, но ништо не е завршено. Веруваме во новиот тренер, тој донесе нов стил на игра, ова важен натпревар во кој мораме да победиме, разговаравме и сите знаеме колку е важен овој дуел. По оваа рунда не е важно со кого ќе играме во следната, најважно е утре да сме фокусирани, не очекуваме да биде лесно“, порача Ндиаје.

Натпреварот утре се игра во терминот од 18:45 часот, а во него Шкендија ќе се обиде да ја надополни негативата од 1-0 од првиот натпревар.