Во Рубин им дојде памет - ќе го казнат фудбалерот што ги навредуваше Македонците

Рускиот фудбалски прволигаш Рубин, сепак, ќе го казни својот играч Мирлинд Даку иако пред два дена од клубот соопштија дека не планираат да преземат мерки бидејќи тој направил прекршок за време на настап за својата репрезентација.

Даку, кој е член на албанскиот национален тим, жестоко ги навреди Македонците и Србите по натпреварот против Хрватска за што санкции побараа и од ФФМ и ФСС.

„Мирлинд Даку испрати навреди по натпреварот од ЕУРО меѓу Албанија и Хрватска. Нашиот клуб ја презема одговорноста за она што се случи, Рубин е мултинационален тим и секогаш се придржувал до принципите на респект и еднаквост, категорично отфрлајќи каква било дискриминација или навреди на национална, религиска или расна основа. По враќањето од репрезентативните обврски, Рубин ќе донесе дисциплински и финансиски санкции за нашиот фудбалер. Освен тоа, ќе имаме разговор со цел вакви инциденти да се избегнат во иднина“, пишува во соопштението од Рубин.

Даку е член на Рубин од лани кога дојде од тимот на Осијек. На 28 натпревари минатата сезона, постигна 10 гола. Игра за албанската репрезентација, но е роден во Гњилане и претходно забележал пет настапи за Косово.