Вардар раздава гратиси, „навивачите“ си ги - (пре)продаваат! (ФОТО)

Желбата да се исполнат до последно место трибините на арената „Филип Втори“ на вечерашниот дуел од Лига Европа против Реал Сосиедад ги „натера“ челниците на Вардар да раздаваат огромен број гратиси, со што го навлекоа револтот на оние најверните кои одамна купија блок-билети по цена од 1.400 до 3.000 денари.

Згора на тоа, меѓу привилегираните кои на тацна добија бесплатна можност да го следат вечерашниот меч има и такви кои сакаат дури и да заработат на сметка на оние кои во срцето им е црвено-црната боја. На социјалните мрежи можат да се забележат еден куп огласи на кои се (пре)продаваат билети за дуелот против шпанскиот прволигаш, а на кои јасно може да се види дека се добиени како гратиси односно на нив кај цената стои – 0 денари.

Ова секако е нус-појава на одлуката на управата на Вардар одново да згази по достоинството на своите најверни навивачи и да ја поништи нивната лојалност изразена со купување билети. Голем дел од гратисите сигурно завршиле кај вљубеници во фудбалот кои претходно не биле во можност да купат влезница, но не баш мал број дошле до мангупи кои веднаш виделе можност да заработат на фудбалскиот шампион и на љубовта која многумина ја имаат кон него.