Андре Виљаш-Боаш ја прекина тренерска кариера и стана - претседател

Некогашниот перспективен португалски стручњак Андре Виљаш-Боаш ја прекина својата тренерска кариера и синоќа е избран за нов претседател на Фудбалскиот клуб Порто.

Со тоа, тој се врати во клубот чиј тим го водеше во сезоната 2010/11 и со него освои дури четири трофеи: првенството, Купот и Суперкупот на Португалија, како и титулата во Лигата Европа. Кариерата ја почна во Академика, а по Порто ги водеше и Челси, Тотнем, Зенит, Шангај и Марсеј. Требаше да биде наследник на Жозе Мурињо, но ни оддалеку не успеа да ги повтори неговите успеси.

Последните три години, откако си замина од Марсеј, беше без клуб и сега станува јасно дека се подгогвувал за функционерска кариера. На позицијата во Порто го замени најдолговечниот претседател во фудбалот, 86-годишниот Хорхе Пинто да Коста кој 42 години беше прв човек на португалскиот гигант. Под негово водство, Порто освои вкупно 68 трофеи, вклучувајќи два во Лигата на шампионите (и КЕШ). Интересно е тоа што и покрај фактот што ја тера деветтата деценија од животот, Да Коста не се повлече, туку се кандидираше за нов мандат, ама не успеа да победи. 

Поради изборот на Виљаш-Боаш, невалиден е договорот на тренерот на Порто, Сержо Консеисао, потпишан пред неколку дена. Ако победеше Да Коста, Консеисао ќе останеше тренер до 2028 година, но вака, новиот претседател има можност да ја прекине соработката.