Суперлигата стигна до судот на ЕУ: Дали УЕФА ја злоупотребила моќта за да го задржи монополот?

Европскиот суд на правдата ќе ја решава судбината на Суперлигата, зашто ќе ја испитува евентуалната злоупотреба на положба и на моќ за зачувување на монопол од страна на УЕФА, во обидот да се згасне идејата за приватно натпреварување на богаташите, па од одлуката на овој суд веројатно ќе зависи комплетната иднина на фудбалот.

Шпанскиот суд, кој при формирањето на Суперлигата од 12-те најбогати клубови донесе одлука дека УЕФА и ФИФА не смеат да ја користат позицијата на моќ за да изрекуваат санкции, кога се појавија најавите за суспензиите и на фудбалерите кои се дел од клубовите за да играат на ЕП и СП, па сега побарал од Европскиот суд на правдата во Луксембург со прашање дали двете водешки фудбалски организации ја злоупотребиле својата доминантна позиција и дали тоа е во согласност со законите на ЕУ за блокада на конкурентски натпреварувања.

Суперлигата како идеја сѐ уште е жива, иако проектот не издржа ни 48 часа после откажувањето на шесте англиски премиерлигаши, како и на Атлетико Мадрид, Милан и Интер од 12-те одметници, па сега Реал Мадрид, Барселона и Јувентус се пред суспензија од европските купови како казна што сѐ уште ја туркаат оваа идеја.

„Франс Прес“ имал увид во документот кој трговскиот суд во Мадрид го пратил со Европскиот суд на правдата со прелиминарно прашање дали ФИФА и УЕФА ги прекршиле членовите 101 и 102 од договорот за функционирање на Европската унија, кој забранува монопол. Во писмото пратено од судијата Мануел Руиз де Лара бара толкување дали опсегот на делување на УЕФА и ФИФА влегува „во опсег на некои исклучоци“ или спротивставувањето на затворената лига ја попречува потенцијалната конкуренција на пазарот и го ограничува изборот на потрошувачот.

Овој судија на 20 април ѝ забрани на УЕФА да одреди санкции за клубовите, кога излезе официјално објавата за формирање на приватната лига на богаташите.

„Ова е многу големо. Пресудата може да има многу големо влијание врз идејното разјаснување и претходното одобрување на алтернативните лиги. Може и да се потврди дека УЕФА има право да го регулира пристапот со организацискиот пазар преку пропорционални ограничувања од јавен интерес“, рекла Катарија Пјетловиќ, истражувач за спортско право на Универзитетот во Манчестер.

Ова прашање може да биде клучно и за комплетна регулација на европскиот спорт, не само во фудбалот, што може да доведе до спречување спортските организации да имаат комплетна контрола врз спортските тела, ако приватни субјекти сакаат да создадат свое натпреварување.

Кошаркарската Евролига е еден таков пример, во која клубовите се одделија од ФИБА, а сега во најава е дека уште повеќе ќе го затворат најдоброто кошаркарско натпреварување на Стариот континент и ќе го направат налик НБА со постојани учесници.

Но, Суперлигата освен што е спортско прашање, во ЕУ може да донесе и џиновски поделби, зашто во згаснувањето на идејата учествуваа најголемите политички фигури од британскиот премиер Борис Џонсон, францускиот претседател Емануел Макрон, рускиот претседател Владимир Путин. Британија со Брегзит излезе од ЕУ, но сега се обидува на секој начин да спречи англиските клубови да влезат во „приватно европско друштво“ кое ќе си го раководат најбогатите клубови.

Шпанскиот судија Руиз во своето барање со судот во Луксембург бара толкување на членот 101 според кој се „забрануваат договори кои имаат цел или ефект да се спречи, ограничи или наруши конкуренцијата“, иако во членот се надевени исклучоци со стога назнака „само ако тие не донесат елиминација на конкуренцијата“. Во превод, ЕУ не дозволува монопол, но ни создавање на таква конкуренција што би можела да преземе монополска улога.

Во прашањето од шпанскиот суд се бара толкување дали УЕФА и ФИФА ја злоупотребиле доминантната положба со која се ограничува појава на алтернативни производи од тие што ги нудат ФИФА и УЕФА, а со тоа се ограничува иновацијата со спречување на други формати и структури, а и елиминација на потенцијалната конкуренција на пазарот со ограничување и на изборот на самиот потрошувач.

Руиз постави и второ прашање за толкување на членот 102 со тоа дали УЕФА и ФИФА го прекршиле членот со кој се „забранува секаква злоупотреба од страна на едно или повеќе институции/претпријатија со доминантна позиција на внатрешниот пазар“.

Првиот човек на Реал Мадрид и претседател на Суперлигата, Флорентино Перез од претходно најави дека сака да го урне „монополот на УЕФА и ФИФА во светскиот фудбал и дека законите на ЕУ се на страна на клубовите, кои немаат желба да го уништат фудбалот, туку да создадат натпреварување кое ќе го контролираат тие што ги заработуваат парите“. Перез тогаш посочи дека зите закони се на страна на Суперлигата и дека со судски процес ќе се бара да оживее проектот, а ако Европскиот суд сето тоа го потврди, ќе биде најголемито фудбалски земјотрес после Босмановиот случај, со кој се смени комплетната слика за слободна трговија со фудбалери на фудбалскиот пазар и под сосема поинакви и модерни правила во однос на дотогашните.