
Среќата на страната на тетовци: Шкендија со автогол до двомеч со поранешниот европски првак (ВИДЕО)
Минатата недела во Велс немаше голови, вечерва во Скопје по основниот дел беше 1-1, а Шкендија помина во следната рунда благодарение на погодок постигнат во 115. минута. Триумфот на тетовскиот тим е апсолутно заслужен бидејќи беше нешто подобар тим, создаде повеќе шанси и повеќе ја посакуваше победата.
Шкендија поведе во 18. минута преку Тамба. При еден центаршут по земја, противничкиот голман лошо реагираше и го послужи фудбалерот на Шкендија, а овој од неколку метри ја затресе мрежата на ТНС. Како што македонскиот првак дојде до водство, така и прими гол 20 минути подоцна. Даниел Вилијамс шутираше од голема далечина, но неговиот удар не беше ни силен, ни прецизен. Шутот сепак го блокираше Фетаи, но тој место да расчисти, го послужи Џордан Вилијамс, а овој непречен од никого го израмни резултатот.
Шкендија беше нешто поактивна во првото полувреме, Бесарт Ибраими имаше добра шанса, но неговиот лоб по одличната акција заврши непосредно покрај стативата. Во финишот од основниот дел беше досуден пенал за Шкендија, но од ВАР собата реагираа дека претходно имало офсајд и судиската одлука беше променета.
Моментот на одлука се случи во 115. минута. Бесарт Ибраими шутираше од далечина, Шепард одбрани, но топката дојде до Адеми кој се обиде да ја врати пред голот. На неа играше Боденхам кој ја затресе сопствената мрежа и им донесе голема радост на навивачите на Шкендија.
Во второто коло, тетовскиот тим ќе се сретне со поранешниот европски шампион ФЦСБ, некогашна Стеауа од Романија кој беше подобар од Интер од Андора. Натпреварите се на програмата на 22/23 и 29/30 јули.