Србија извлече бод против Португалија, Англија ја прегази Црна Гора (ВИДЕО)

Репрезентацијата на Србија со голем бод се враќа од гостувањето во Лисабон „oрлите“ ремизираа со Португалија 1-1. Црна Гора прва поведе против Англија, но потоа прими пет погодоци во својата мрежа, балканскиот дуел меѓу Косово и Бугарија заврши без победник.

„Орлите“ фантастично го започнаа мечот во Лисабон, уште во седмата минута Душан Тадиќ ладнокрвно од пенал погоди за водство. Следуваше нов шок за Португалија, поради повреда играта ја напушти Кристијано Роналдо. Но, само неколку минути откако играчот на Јуве го напушти теренот, Данило Фереира со еврогол го израмни резултатот.

Второто полувреме помина во знакот на Португалците, домаќините силно притискаа, но одбраната на Србија на чело со голманот Марко Дмитровиќ не потклекна. Ова за Португалија е втор меч кој завршува со нерешен исход, откако во првото коло не ја совладаа Украина, за Србите ова беше прв дуел.


Марко Вешовиќ ја „отвори“ Англија, но тоа само дополнително ги мотивираше „Трите Лава“. Најпрвин израмнија преку Мајкл Кин, а Рос Баркли пред паузата го сврте резултатот. Баркли во вториот дел зголеми на 3-1, Хери Кејн го „потпиша“ покерот во гостинската мрежа, а Рахим Стерлинг ја „испука“ петардата во мрежата на Црногорците.

Ова за Англија е втор натпревар на кој постигнува пет гола. Избраниците на Герет Саутгејт во првото коло со 5-0 ја треснаа Чешка. За Црногорците ова ќе биде прв пораз, откако во првиот натпревар освоија бод на гостувањето кај Бугарија.

Балканското дерби меѓу Косово и Бугарија заврши без победник. Ривалите си поделија по едно полувреме. Во првиот дел Васил Божиков ги доведе гостите во водство, а во второто полувреме Арбер Зенели ги постави конечните 1-1. Втор меч за Бугарија и второ, додека ова за Косово беше прв натпревар во квалификациите.

Останати резултати:
Андора-Албанија 0-3
Франција-Исланд 4-0
Луксембург-Украина 1-2