„Славев како Роналдо за да му покажам на Реал Мадрид што му недостига“

Нигерискиот фудбалер на белгиски Бриж, Емануел Денис завчера беше главна вест во Лигата на шампионите откако со два гола го расплака „Сантјаго Бернабеу“, а Реал Мадрид успеа да се спаси од пораз и да освои бод во пресметката.

Но, Денис освен со двата гола исплива во фокусот и со начинот на прослава – како Кристијано Роналдо. Роналдо ланското лето си замина од Реал во Јувентус, а очигледно Португалецот му е идол, но и Реал Мадрид омилен клуб. Зашто ја одбрал таа прослава, посочил едноставно.

„Прославата беше зашто го сакам Роналдо, тој ми е омилен фудбалер и не сум задоволен што си замина од Реал. Така го прославив голот, на негов начин, за да му покажам на Реал Мадрид што му недостига“, рекол Денис.