Шкупи прокоцка голема победа – за пет минути Пјуник им извлече реми во финишот!

Македонскиот прволигаш Шкупи пропушти голема шанса со победа да се врати од Ерменија на стартот на квалификациите за Лига Европа, откако попладнево Пјуник во последните десет минути се избори за реми 3-3, иако чаирчани имаа предност од два гола до 80-та минута од мечот.

Голема шанса пропуштија чаирчани да исчекорат кон второто коло, иако и ова реми со три дадени гола на гости им е добар багаж за идниот четврток во Скопје да се изборат за следна рунда во најмасовното натпреварување. Денеска капитенот Муарем Бајрами беше херој со два гола од слободен удар и тоа во клучни моменти, прво во 26-та за да израмни (неговиот центаршут всушност заврши во гол), а потоа со директен удар и пацерски кикс на голманот Драгоевиќ да донесе водство од 3-1. Илиевски погоди пред полувремето за пресврт откако Пјуник преку Варданјан во четвртата минута поведе.

Но, кога сите очекуваа триумф на Шкупи и прва победа на еден македонски клуб во седмиот меч со ерменскиот тим, се случи „чудо“. Пјуник за пет минути преку Жестоков и Манчарјан стигна до израмнување (80-та и 85-та минута), а во финишот имаа и зицер, кој голманот Клер де Фреитас го одбрани за да спречи комплетен пресврт и триумф на Ерменците.

Реваншот е закажан за в четврток од 20.30 часот на Националната Арена „Тодор Проески“.