Шкупи ја почнува ЛШ-авантурата: Само Вардар и Шкендија во деценија ипол поминаа – едно коло!

Ако од почетокот на новиот милениум и 21-от век, македонските прваци играа многу позабележителна улога во Европа, па во седумте воведни сезони дури петпати е поминато најмалку едно коло, нашиот првак во изминативе 15 години е тотално инфериорен во европската елита, па само двапати во овој период е прескокнато едно коло во квалификациите.

Чаирски Шкупи вечерва на Националната Арена „Тодор Проески“ во Скопје (20.45 часот) го дочекува гибралтарски Линколн Ред Импс во воведната рунда од евроквалификациите во ЛШ, противник кој во некои други времиња веројатно ќе беше прашање со колку парчиња ќе си замине, ама доаѓа како учесник во групна фаза во минатата сезона (Конференциска лига), нешто што изминативе пет години е невозможна авантура за македонските клубови за настап во европската есен.

Ако Вардар во 2003 година еден гол го делеше од ЛШ, ако Работнички во 2006 дојде до последна рунда за пласман во елитата, ако двата клуба уште по еднаш ја минуваа првата пречка, како и Слога Југомагнат во периодот од 2000 до 2006 година, македонските прваци не може да се пофалат со добри настапи во елитното друштво од 2007 наваму или цели – деценија ипол.

Само учество и брза елиминација од ЛШ се случи во 13 од 15 учества, а прв што после цела деценија го скрши мразот е најтрофејниот Вардар со елиминацијата на Малме во историската 2017 година, кога црвено-црните стигнаа до групната фаза во Лига Европа. Втор клуб на кој тоа му успеа е Шкендија една година потоа, кога преку ТНС и со бламажа со 0-4 (5-0 во првиот меч) и преку Шериф Тираспол, дојде до трето коло и елиминација од Ред Бул Салцбург.

Сѐ останато е само учество и убави пари на сметките на македонските прваци за формалниот настап, зашто ако се изземат Вардар и Шкендија од 2017 и 2018 година, во 13-те очајни сезони и вкупно 26 меча забележана е само – една победа. И таа е на тетовци во бламажата со Номе Калју пред три сезони (1-0) и елиминацијата од која почна и вртоглавиот пад на македонскиот клупски фудбал во Европа.

Пред Шкупи е сега предизвик да се обиде да одигра и за себе, ама и за македонскиот фудбал, кој сѐ повеќе станува инфериорен во пресметки со просечни фудбалски земји, кои некогаш биле само „лесен залак“ за нас. Чаирчани најавуваат дека ќе направат сѐ за да победат, дека се максимално подготвени да донесат радост, но сето тоа ќе мора да го демонстрираат на теренот.