Шкендија оди по триумф над Браво за продолжување на европската авантура

Шкендија вечерва го пречекува словенечки Браво со негатива од 1-2 од првиот натпревар, но тетовци веруваат дека можат да ја анулираат разликата и да продолжат со европската авантура.

На првиот натпревар во Словенија, Шкендија имаше добар почеток и водство од 1-0, меѓутоа Браво успеа да се соземе по почетниот шок и со пресврт да слави со 2-1.

Македонскиот вицепрвак во натпреварот против Браво влегува со голема самодоверба откако имаше одличен старт на сезоната во Првата лига, односно го декласира Скопје со 3-0.

Шкендија, исто така, очекува голема поддршка од трибините затоа што претходно ги повика фановите да дојдат на стадионот бидејќи влезот е бесплатен.

Екипата од Тетово е единствен останат македонски претставник во моментов во Европа, откако претходно беа елиминирани Силекс и Вардар.

Реваншот меѓу Шкендија и Браво е закажан за вечерва од 20 часот, а директен пренос ќе има на МРТ2.

Фото: ФК Шкендија