Анчелоти шокантно призна: Бразил поради моја грешка прерано го заврши СП 2026!

Селекторот на Бразил, Карло Анчелоти, призна дека токму една негова одлука можеби ги чинела „кариоките“ елиминација од Светското првенство и загубена шанса за светската титула.

Во интервју за „ЕСПН“, искусниот италијански стратег изјави дека пресудниот момент се случил за време на паузата за освежување на натпреварот против Норвешка во осминафиналето.

„Мислам дека Мундијалот го загубивме за време на паузата за освежување против Норвешка. До тој момент го имавме натпреварот под контрола. Точно е дека Норвешка долго ја држеше топката на својата половина, истото го направи и против Англија. Го контролираа мечот и можеа да победат“, изјави Анчелоти.

Тој призна дека погрешно ја проценил ситуацијата на теренот.

„Можеби тука беше мојата грешка. Помислив дека ја изгубивме контролата врз натпреварот, а всушност не беше така“, додаде Италијанецот.

Анчелоти откри дека токму поради тоа решил да направи неколку измени во составот, кои, наместо да му помогнат на тимот, ја нарушиле рамнотежата.

„Направив неколку промени во поставата, а потоа наидовме на проблем при голот на Ерлинг Халанд“, призна селекторот на Бразил.

Норвешка на крајот го елиминираше Бразил во осминафиналето, а погодокот на Халанд се покажа како клучен момент на натпреварот.

И покрај разочарувањето, Анчелоти по завршувањето на Мундијалот потпиша нов договор со Бразилската фудбалска конфедерација, но сега јавно признава дека токму неговата реакција за време на паузата можеби била пресудна за елиминацијата на петкратниот светски шампион.