Милан ја демантира веста за неговата смрт: Нашиот легендарниот капитен сѐ уште е жив!

Италијанскиот гигант Милан итно реагираше откако на социјалните мрежи и на дел од интернет-порталите се појавија лажни информации дека починал легендарниот капитен Франко Барези.

Поранешниот стопер на „росонерите“ лани беше опериран поради јазол на белите дробови, а неговата здравствена состојба во последниот период е сериозно нарушена. Откако се појавија информации дека состојбата дополнително му се влошила, дел од медиумите погрешно објавија дека Барези починал. Од неговиот клуб веднаш ги демантираа ваквите тврдења.

„Милан ги демантира лажните вести за Барези што се појавија во изминатите неколку минути. Франко минува низ чувствителен период, а клубот е покрај него и неговото семејство со многу љубов. Ги повикуваме сите да ја почитуваат неговата приватност и да не шират информации кои немаат никаква основа“, стои во соопштението на клубот.

Според италијанските медиуми, Барези е хоспитализиран во болницата „Хуманитас“ во Роцано, во близина на Милано, каде што е под постојан лекарски надзор. Во јавноста последен пат се појави во февруари, кога заедно со Бепе Бергоми го внесе олимпискиот факел на „Сан Сиро“ во рамки на свеченоста поврзана со Зимските олимписки игри Милано-Кортина. Пред тоа беше забележан на натпреварот меѓу Милан и Сасуоло во декември.

Извори блиски до легендарниот капитен откриваат дека на почетокот на месецов сакал да го посети тимот во тренинг-центарот Миланело, но поради здравствените проблеми не бил во можност да го стори тоа.