Сити е на чекор од големо засилување - го делат десет милиони евра!

Фудбалерот на Лил, Ајуб Буади, е многу блиску до трансфер во Манчестер Сити, пренесува „Радио Монте Карло“.

Според информациите на францускиот медиум, англискиот шампион во последните денови значително ги засилил преговорите со францускиот прволигаш и во моментов има предност пред Арсенал во трката за потписот на 18-годишниот играч од средниот ред.

Се наведува дека спортскиот директор на Манчестер Сити, Уго Виана, и претседателот на Лил, Оливие Летанг, се во речиси секојдневен контакт, а разговорите најчесто се водат телефонски.

Лил, според информациите, останува на барањето од 100 милиони евра за трансферот на мароканскиот репрезентативец, додека Манчестер Сити е подготвен да понуди околу 90 милиони евра плус бонуси. Токму разликата во проценката на обештетувањето засега е главната пречка за постигнување договор.

Од друга страна, според истите извори, меѓу Сити и Буади нема никакви нерешени прашања, бидејќи фудбалерот веќе ги прифатил условите од договорот кој би важел до јуни 2031 година.

„Граѓаните“ ова лето би можеле да останат без Родри, кој се поврзува со трансфер во Реал Мадрид, па Буади може да биде негова идеална замена.