Ѓоко Хаџиевски си замина од Спартак Варна!

Македонскиот фудбалски стратег Ѓоко Хаџиевски повеќе не е тренер на бугарскиот прволигаш Спартак Варна, откако клубот официјално ја потврди разделбата со искусниот тренер. Одлуката дошла по негово барање, веднаш по убедливата победа во градското дерби против Черно Море (3-0).

Во соопштението, Спартак истакна дека Хаџиевски го презел тимот во еден од најтешките моменти за клубот и успеал да ја исполни главната цел – да обезбеди стабилност и опстанок во бугарската елита.

„Тој беше со нас во исклучително тежок период и успешно ја исполни својата мисија. По победата во дербито против Черно Море, господинот Хаџиевски соопшти дека сака токму тој натпревар да биде неговото последно поглавје на клупата на Спартак. Неговата одлука ја прифативме со разбирање и почит“, стои во клупското соопштение.

Бугарскиот клуб упати и јавна благодарност до македонскиот тренер за професионализмот, посветеноста и искуството што ги вложил во работата, нагласувајќи дека со своето знаење и авторитет оставил силен белег во клубот.

„Му благодариме за сè што направи за Спартак. Му посакуваме многу здравје, лична среќа и нови успеси, а вратите на нашиот клуб секогаш ќе му бидат отворени“, се додава во соопштението.

Хаџиевски ја почна сезоната како највозрасен тренер во бугарското првенство и еден од највозрасните во Европа, со 71 година. Останува дилемата дали еден од најуспешните македонски стручњаци со ова ќе стави крај на кариерата или ќе бара нов предизвик.