„Винисиус е главниот виновник што Чаби Алонсо беше избркан од Реал Мадрид!“

Челзи победнички ја започна новата сезона под водство на Чаби Алонсо, кој на своето деби на клупата на лондонскиот клуб славеше на гостувањето кај Фулам (3-2).

Со тоа, шпанскиот стратег така на најдобар можен начин го започна новиот предизвик на „Стемфорд Бриџ“, откако претходно неговиот престој во Реал Мадрид заврши неславно. Интересно е што и Фулам во новата сезона влезе со нов тренер – Алваро Арбелоа, кој токму во јануари годинава го наследи Алонсо на клупата на Реал Мадрид. Алонсо од „Сантијаго Бернабеу“ си замина по турбулентен период, а медиумите тогаш пишуваа за нарушени односи со дел од најважните играчи, меѓу кои и Винисиус Жуниор.

Легендата на Ливерпул и поранешен соиграч на Алонсо, Џејми Карагер, смета дека токму односот со бразилскиот напаѓач бил една од главните причини за отказот.

„Чаби Алонсо ја загуби работата поради Винисиус Жуниор. Тој не беше задоволен од ситуацијата. Отиде да се жали кај сопственикот и се зборуваше дека нема да потпише нов договор. На крајот, Реал Мадрид, како што секогаш прави, застана на страната на играчот, го смени тренерот, а потоа го донесе неговиот пријател, Алваро Арбелоа“, изјави Карагер.

Сепак, Гери Невил не смета дека проблемите на Алонсо во Мадрид треба да влијаат врз неговата репутација како тренер. Легендата на Манчестер Јунајтед смета дека случувањата во Реал повеќе зборуваат за карактерот и однесувањето на играчите отколку за квалитетите на шпанскиот стратег.

„Мислам дека тоа што Алонсо го правеше во Реал Мадрид воопшто не ги одразува неговите способности. Тоа е одраз на играчите кои ги имаше на располагање“, вели Невил.

Тој направи и споредба со искуството на Килијан Мбапе во ПСЖ, каде што Французинот играше заедно со Нејмар и Лионел Меси.

„Мбапе вакво нешто искуси во ПСЖ, каде што играше со Нејмар и Меси, а тие не вршеа притисок врз противничката одбрана. Луис Енрике очигледно го промени тоа со младите играчи кои се подготвени за таков начин на работа“, објасни Невил.

Според него, Алонсо во Челзи има идеална можност да покаже дека периодот во Мадрид бил само една епизода во неговата тренерска кариера.

„Не мислам дека тоа е одраз на Алонсо. Челзи има одличен тренер и тој воопшто не треба да се оптоварува со она што се случи во Мадрид“, порача Невил.

Англичанецот дополнително го нагласи специфичниот предизвик што го носи работата во Реал Мадрид.

„Таму понекогаш владее вистински хаос. Мора да бидете посебен карактер за да го водите тој клуб“, додаде Невил.

Алонсо, барем засега, нема причина да се навраќа на Мадрид. Со победата над Фулам и освоените три бода, мандатот на „Стемфорд Бриџ“ го започна на најдобар можен начин.