ПСЖ „лови“ тинејџерска сензација од Лион - може да игра за три репрезентации (ВИДЕО)
Младиот фудбалер сè уште нема потпишано професионален договор, што неговата ситуација ја прави пособно интересна во финишот на преодниот рок. Според информациите на „Л'Екип“, тимот од Париз сериозно е заинтересиран за неговиот развој, особено доколку Ибрахима Мбаје го напушти клубот. Интересот на парижаните може сериозно да ги искомплицира плановите на Лион да го задржи својот голем талент.
Хамдани може да игра на повеќе позиции во нападот. Покрива по двете крилни позиции, но добро се снаоѓа и зад класичниот напаѓач, што го прави особено интересен за клубовите кои бараат поливалентни млади фудбалери. Во Лион веќе подолго време ги истакнуваат неговата техника, решителност и способност да создаде предност и во најмалиот простор. Неговиот талент неодамна беше дополнително демонстриран со потег кој брзо се прошири на социјалните мрежи. На еден натпревар Хамдани тргна во продор и со фантастичен дриблинг исфрли двајца противнички фудбалери, кои во обид да го запрат дури и се судрија меѓусебно.
Тој веќе има искуство и во сениорскиот фудбал. За првиот тим на Лион дебитираше со само 16 години и 306 дена, на натпреварот против Оксер, со што стана еден од најмладите фудбалери во историјата на клубот во 21 век. Минатата сезона запиша вкупно седум настапи во Лига 1, Лигата на Европа и Купот на Франција, а во натпреварот од Лигата на Европа против ПАОК забележа и асистенција.
Токму фактот што сè уште нема професионален договор отвора простор за интерес од други клубови. Лион веќе со месеци му нуди договор, но ПСЖ внимателно ја следи ситуацијата, а останува да се види дали интересот ќе прерасне и во конкретна понуда. Хамдани е роден во Париз, а во младинските категории настапувал за Франција. Во моментов е репрезентативец на француските селекции до 16 и до 17 години, но во иднина ќе може да избира меѓу Франција, Алжир и Сенегал.