Алтернативата за Алварез е во Дортмунд, ама парите прават проблем

Барселона продолжува да бара решение за позицијата класичен напаѓач, а меѓу имињата кои се нашле на списокот на каталонскиот клуб е и Серху Гираси од Борусија Дортмунд.

Според „Билд“, Барселона неодамна го контактирала германскиот клуб, чиј тренер е хрватскиот стратег Нико Ковач, за да ја провери можноста за ангажман на 30-годишниот напаѓач. Гираси има откупна клаузула од околу 50 милиони евра, која е достапна само за одредени европски гиганти, меѓу кои и Барселона.

Сепак, интересот на „каталонците“ брзо спласнал откако дознале колкава плата заработува репрезентативецот на Гвинеја. Гираси во Дортмунд има годишна заработка од околу 10 милиони евра, сума која во моментов не се вклопува во новата структура на платите на Барселона. Така и покрај релативно достапната откупна клаузула, трансферот во моментов не изгледа реален. Барселона мора да внимава на финансиската рамнотежа и поради тоа не сака да преземе договор кој би претставувал значителен товар за буџетот.

Гираси зад себе има одлична сезона во дресот на Борусија Дортмунд. Минатата сезона постигна 22 гола и запиша шест асистенции на 46 натпревари, со што повторно се потврди како еден од најважните офанзивци на германскиот тим. Барселона и понатаму е во потрага по нова „деветка“. По заминувањето на Роберт Левандовски и Феран Торес, каталонскиот клуб има потреба од дополнително решение во нападот, додека обидот за ангажман на Хулијан Алварез останува комплициран.

Спортскиот директор Деко затоа продолжува да ги разгледува алтернативите. Со оглед на тоа што преодниот рок се ближи кон крајот, Барселона ќе мора наскоро да донесе одлука дали ќе инвестира во нов напаѓач или ќе ја започне сезоната со постоечкиот ростер.

За Гираси, пак, засега останува најреалната опција да продолжи во Дортмунд, каде што има договор до 2028 година.