Ристовски и Адеми бркаат еден гол негатива за осминафинале, Елмас ја брани предноста

Тројца македонски репрезентативци од четворицата кои се пријавени во Лига Европа, денеска се очекува да бидат стартери во реванш мечевите од шеснаестинафиналето во второто по ранг натпреварување на Стариот континент.

Засега ниту еден од четворицата македонски репрезентативци нема сигурен пласман, но некако најблиску е лондонски Арсенал, чиј член е голманот Дејан Илиев. Арсенал има негатива од 0-1 во мечот со БАТЕ Борисов, но „топчиите“ на свој терен се апсолутни фаворити за да обезбедат осминафинале. Илиев не се очекува да биде во протоколот за мечот со белорускиот првак.

Елиф Елмас, фудбалерот на Фенербахче е единствен кој брани предност со истанбулскиот гигант по триумфот дома со 1-0 против руски Зенит, но турскиот гигант го очекува жестока битка во Санкт Петербург за да се најде меѓу 16-те најдобри екипи во Лига Европа. Фенербахче игра многу променливо, па затоа и ќе треба Елмас и другарите да го одиграат најдобриот сезонски меч за да се најдат во осминафиналето.

Останатите два македонски репрезентативци Стефан Ристовски (Спортинг Лисабон) и Аријан Адеми (Динамо Загреб) ќе бркаат вечерва негатива од по еден гол во пресметките со Вилјареал односно со Викторија Плзен. Ристовски има потешка задача со лисабонскиот тим зашто негативата ќе ја брка на гости на „Ел Мадригал“, за разлика од Адеми со Динамо кој ќе брка историја во првиот пролетен настап по 49 години кој на „Максимир“ треба да победат барем со 1-0 за понатамошен пламан по поразот со пресврт со 1-2 пред една недела во Чешка.

Во останатите мечеви, Челси, Наполи, Интер, Валенсија не би требало да имаат проблеми за да го заверат пласманот во следната рунда.

Прв осминафиналист е Севилја, која вчера со 2-0 во реваншот го победи вторпат римски Лацио (првиот меч 1-0).

ДВОЈКИ: Арсенал – БАТЕ Борисов (0-1 прв меч), Бенфика – Галатасарај (2-1), Баер Леверкузен – Краснодар (0-0), Динамо Киев – Олимпијакос (2-2), Интер – Рапид Виена (1-0), Бетис – Рен (3-3), Валенсија – Селтик (2-0), Ред Бул Салцбург – Бриж (1-2), Динамо Загреб – Викторија Плзен (1-2), Наполи – Цирих (3-1), Челси – Малме (2-1), Ајнтрахт – Шахтер (2-2), Вилјареал – Спортинг Лисабон (1-0).