ПСЖ и Манчестер Сити играат меч како финале!

Денеска на програмата е вториот ден од седмото коло во Лигата на шампионите, а погледите се свртени кон Париз каде се среќаваат богатите ПСЖ и Манчестер Сити.

Двата тима играа прилично лошо во изминатите шест кола од Лигата на шампионите, па сега се борат за опстанок во елитното натпреварување.

Ситуацијата на табелата вели дека кој ќе го загуби денешниот дуел може да не се пласира во следната фаза од натпреварувањето, што ќе биде сериозен удар за клубот.

Манчестер Сити се наоѓа на 24. позиција, последната која води во нокаут фазата, а ПСЖ со бод помалку е на 26. место.

Ова е претпоследно коло од лигашкиот дел, па значењето на овој натпревар за овие два гиганти е како финале.

Мечот во Париз е единственото големо дерби денеска иако има повеќе интересни натпревари. Денот ќе почне со Лајпциг - Спортинг и Шахтар - Брест, тоа се двата дуели со термин од 18:45.

Од 21 часот се играат останатите. Милан ќе ја пречека Жирона, Миовски поради повредата се очекува да го пропушти и овој дуел. Ристовски и Адеми со Динамо Загреб ќе имаат тешко гостување на Емирати кај Арсенал.

Реал Мадрид се очекува да има лесна задача на Бернабеу против Салцбург, Интер гостува кај Спарта во Прага, Баерн оди на мегдан со Феенорд, а Селтик е домаќин на Јанг Бојс.