Последна шанса за Челси и Јувентус да се вратат во трка за осминафинале

Два поранешни европски шампиони Челси и Јувентус, кои неочекувано имааочаен старт во новата сезона во Лигата на шампионите, вечерва (21 часот) ја имаат последната шанса за да фатат приклучок и сериозно да не се доведат во ситуација за прерана елиминација во мултимилионското друштво, кое за гигантите би било вистинска катастрофа.

Челси го пречекува на „Стемфорд бриџ“ италијанскиот првак Милан во највозбудливиот меч денеска, но „сините“ ја имаат фаворитската улога најмногу и поради фактот што „росонерите“ доаѓаат десеткувани на мечот зашто Стефано Пиоли не може да смета дури на осуммина од кои два исклучитело клучни играчи, првиот голман Мајк Мање и извонредниот Тео Ернандез. Недостигаат и Симон Кјаер, Давиде Калабрија, Алесандро Флоренци, Алексис Саелмакерс, Дивок Ориги и Златан Ибрахимовиќ.

Милан нема позитивна серија од гостувањата на Островот, дури 18 пати загубил, лани двапати од Ливерпул (2-3, 1-2), а Ни Челси нема победничка историја против „калчолигашите“, но лани во Лондон го здроби Јувентус со 4-0. „Сините“ сѐ уште ја бараат вистинската форма под палката на новиот тренер, ама сега се и засилени со враќањето на Нголо Канте, голманот Едуардо Менди и еден од најскапите дефанзивци Марк Кукурелја.

Динамо Загреб со двајцата македонски репрезентативци Стефан Ристовски и Аријан Адеми гостуваат во Салцбург од 18.45 часот во обид да дојдат до позитивен резултат и да останат на позициите за осминафинале, па овој меч и следното коло за шест дена можно да дадат вистински правец околу разврската за оваа сезона во групите. Челси неочекувано е последен со само еден бод, па затоа и денеска мора да победат за да фатат приклучок на врвот пред втората половина од оваа сезона во групната фаза.

За разлика од лондончани, Јувентус е уште полош, без освоен бод и со шест негатива во однос на ПСЖ и Бенфика, па предметките во следните шест дена со Макаби Хаифа, почнувајќи од денеска во Торино се дуели кои „старата дама“ мора да ги добие. Киксне ли еднаш големиот фаворит, ќе се најде во уште понезавидна положба и на раб на елиминација. Во истата група дербито е во Лисабон, каде Бенфика ќе го предизвика ѕвездениот тим на парижаните, кои со победа веројатно и ќе направат исчекор кон осминафиналето.

По трет триумф за веќе извесен пласман на домашен терен атакуваат првакот Реал Мадрид против украински Шахтер и Манчестер сити против Копенхаген, во мечеви на кои гигантите се апсолутни фаворити и сѐ освен победи би било рамно на чудо.

Борусија Дортмунд гостува во Севилја, а Ред Бул Лајпциг ќе бара прв(и) бод(ови) во новата сезона во преостанатите денешни мечеви.

ЛИГА НА ШАМПИОНИ, ТРЕТО КОЛО

ГРУПА Е

Ред Бул Салцбург – Динамо Загреб (18.45 ч.), Челси – Милан (21 ч.)

ТАБЕЛА: Милан 4, Динамо З. 3, РБ Салцбург 2, Челси 1

ГРУПА Ф

РБ Лајпциг – Селтик (18.45 ч.), Реал Мадрид – Шахтер (21 ч.)

ТАБЕЛА: Реал Мадрид 6, Шахтер 4, Селтик 1, РБ Лајпциг 0

ГРУПА Г

Манчестер сити – Копенхаген (21 ч.), Севилја – Борусија Дортмунд (21 ч.)

ТАБЕЛА: Манчестер сити 6, Борусија Д. 3, Копенхаген 1, Севилја 1

ГРУПА Х

Јувентус – Макаби Хаифа (21 ч.), Бенфика – ПСЖ (21 ч.)

ТАБЕЛА: ПСЖ 6, Бенфика 6, Јувентус 0, Макаби Хаифа 0.