Португалците му свртеа грб на Роналдо: Над 70 отсто не го сакаат повеќе во репрезентацијата

Кристијано Роналдо се најде во незавидна ситуација откако огромен дел од португалските навивачи сметаат дека за него веќе нема место во националниот тим.

По обраќањето на капитенот на Португалија, во кое тој се извини за напуштањето на репрезентативниот камп, но истовремено упати сериозни критики кон селекторот Жорже Жезуш, весникот „А Бола“ спроведе анкета меѓу своите читатели.

Прашањето беше едноставно: „Дали Роналдо треба да се врати во репрезентацијата?“ Одговорот на навивачите беше прилично јасен. Во анкетата учествувале повеќе од 25.000 луѓе, а над 70 отсто од нив одговориле дека Роналдо повеќе не треба да биде дел од националниот тим.

Само околу 14 отсто веруваат дека ситуацијата може да се смири во следните неколку дена и дека Роналдо повторно ќе биде прифатен во репрезентацијата. Интересно е што околу седум проценти од гласачите сметаат дека Роналдо треба да добие улога на играч-тренер. Дополнителни шест проценти застанале на страната на Роналдо во спорот со Жезуш, оценувајќи дека селекторот не го одржал својот збор и дека во репрезентацијата има место само за еден од нив.

Последните случувања создадоа сериозна поделба околу најголемата ѕвезда во историјата на португалскиот фудбал. Роналдо, пак, најави дека е подготвен да ја прифати казната и повторно да настапува за националниот тим. Суспензијата е на шест месеци што значи дека тој би ги пропуштил само ноемвриските дуели од Лигата на нации.