Победа на Белгија за тотална драма во групата Е (ВИДЕО)

По две одиграни кола, сите четири репрезентации во групата имаат по три бода и последните два меча ќе одлучат кои од нив ќе се пласираат во осминафиналето од Европското првенство.

Откако вчера Украина ја победи Словачка, денеска Белгија славеше против Романија со 2-0 со што придонесе за тотална драма во пресрет на последниот круг. Во него, Романија ќе влезе како формален лидер поради најдобрата гол-разлика (3-2), а ќе се сретне со Словачка, додека во вториот меч ќе играат Белгија и Украина.

Дека „црвените ѓаволи“ се решени да одат на победа вечерва, јасно беше уште на почетокот бидејќи по само 73 секунди игра, Тилеманс го отвори резултатот, на асистенција на Лукаку. Репрезентацијата на Романија се обиде во неколку наврати да го израмни резултатот, имаше неколку шанси, но не постигна гол.

Во вториот дел Лукаку ја затресе мрежата на противничкиот голман, ама неговиот гол беше поништен поради минимален офсајд. Тоа беше најава за она што се случи во 80. минута кога Де Брујне на додавање на голманот Кастелс го постави конечниот резултат.