Падна и Арсенал: ПСЖ вторпат во историјата ќе игра во финале од Лигата на шампионите (ВИДЕО)

Арсенал е третиот англиски клуб кој сезонава е елиминиран од ПСЖ во Лигата на шампионите, откако во претходните две фази таква судбина доживеаја и Ливерпул и Астон Вила.

„Светците“ по пет години се враќаат во финалето од ЛШ и вторпат во историјата ќе се борат за трофејот во елитното натпреварување откако и во вториот меч го совладаа Арсенал, сега со 2-1. Натпреварот имаше драматичен финиш иако на 20-тина минути пред крајот се чинеше дека се е готово во овој двомеч.

Триумфот на францускиот првак го најава Фабиан Руиз во 27. минута кога дочека една топка на волеј и со фантастичен удар ја смести во мрежата на Раја. Арсенал одигра многу малку во првото полувреме, па и во добар дел од второто. Во 69. минута ПСЖ доби пенал, Витиња го изведе, но толку лошо што буквално се избламира, а Раја без проблеми го одбрани неговиот удар. Само три минути подоцна, Хакими сепак го донесе ПСЖ во водство од 2-0, по една мешаница во шеснаесетникот на Арсенал најдобро се снајде и со прецизен шут ја смести топката во мрежата.

 

 

Тој гол беше знак дека Арсенал треба да почне да игра, па во 76. минута Сака ја намали негативата и најави дека неговиот тим може да направи пресврт. Којзнае како ќе се одвиваа последните десетина минути ако Сака погодеше и во 80. минута кога доби една топка од левата страна, но не успеа да ја исконтролира и ја шутна високо над голот. Во последните моменти и Дембеле и Хакими имаа шанси, но не ги искористија.

Финалето на 31 мај ќе биде второ за ПСЖ откако пред пет години, со Нејмар и Мбапе во тимот, загуби од Баерн Минхен со 0-1. Сега нема такви ѕвезди, но има одличен колектив и фантастичен тренер во Луис Енрике кој ќе има можност да ја освои втората титула во ЛШ во својата кариера.

фото: EPA PHOTO