Не можеше позаслужено: Арсенал е во финале без пораз и само шест примени голови

Екипата на Арсенал е прв финалист во Лигата на шампионите оваа сезона откако синоќа го совлада Атлетико со 1-0.

„Топчиите“ не блескаа во нокаут фазата, се провлекоа и со Баер и со Спортинг, но тоа не го намалува големиот успех на лондонскиот тим кој првпат по 20 години ќе игра во мечот за титулата во елитното натпреварување. Статистиката на Арсенал оваа сезона во Лигата на шампионите е импресивна и прашање е дали некогаш ќе се повтори во овој формат. Тимот од Емирејтс го заврши лигашкиот дел со максимален ефект од осум победи, 24 освоени бода и гол разлика 23-4.

Во осминафиналето, четвртфиналето и полуфиналето оствари по една победа и реми што значи дека до финалниот меч стигна со 11 победи и три нерешени резултати. На досегашните 14 натпревари Арсенал прими само шест гола, а интересно е тоа што најмногу прими од аутсајдерот Каират (3-2) во последното коло од лигашкиот дел, во мечот кој немаше резултатско значење.