Чупиќ: Овој двомеч ќе ни биде лекција за следната сезона

Ракометарите на Вардар вчера славеа победа над Монпелје од 27-24, но поради поразот од десет гола разлика во првиот натпревар тоа не беше доволно за пласман на фајнал-фор турнирот.

Тренерот Иван Чупиќ по натпреварот испрати честитки до Монпелје, меѓутоа и потенцираше дека ова може да биде лекција за следната сезона во Лигата на шампионите.

„Им честитам на ракометарите на Монпелје за пласманот на завршнито турнир, заслужено се таму. Ние одигравме одлично, но скапо го плативме тој слаб натпревар во Франција. Верувавме во чудо, но тоа не се случи, ова е лекција за сите од која многу научивме за следната сезона во Лигата на шампионите“, изјави Чупиќ.

Пред Вардар сега до крајот на сезоната е домашното првенство во кое титулата може да ја потврди веќе утре и тоа во натпревар против најголемиот ривал, Пелистер.