Коња стигна до финалето на турскиот Куп, голот за победа го постигна Барди (ВИДЕО)

Вторпат во својата историја, екипата на Коња обезбеди пласман во финалето од Купот на Турција откако синоќа на гостински терен го совлада Бешикташ со 1-0.

Натпреварот имаше исклучително драматичен финиш, а херој на Коња беше македонскиот репрезентативец Енис Барди. Тој го постигна победничкиот гол од пенал во осмата минута од судиското продолжение.

„Пресреќен сум, успеавме да ја оствариме својата цел и направивме голем чекор кон реализација на нашите соништа. Добро го анализиравме Бешикташ последната недела, знаевме се за него и тоа го искористивме на теренот. Одиме на трофеј кој би бил круна на нашата добра сезона“, рече Барди по победата.

 Финалето од Купот на Турција ќе се одигра на 22 мај во Анталија, а противник на Коња ќе биде подобриот од дуелот меѓу Генчербирлиги и Трабзон кој е на програмата вечерва. Единствениот триумф во Купот, Коња го забележа во 2017 година кога прв и досега единствен пат во својата историја стигна до финалето.