Вардар со стил се одјави од Европската Лига: Монпелје се „тресеше“ во Скопје! (ФОТО)

Поранешниот европски шампион Вардар нема да има можност да се бори за уште еден ЕХФ трофеј откако вечерва доживеа елиминација во четвртфиналето од ЕХФ Европската лига.

По минатонеделниот пораз со десет разлика во Франција (23-33), „црвено-црните“ вечерва на домашен терен го победија Монпелје со четири разлика (27-24), но тоа ни оддалеку не беше доволно за сензационален пресврт. Сепак, Вардар ја одбрани својата чест, а го одбрани и домашниот терен каде сезонава не доживеа ниеден пораз во Европската лига.

Навивачите на скопскиот тим се понадеваа дека голем пресврт е можен кога Вардар во 20. минута поведе со 12-7 и практично ја преполови негативата од првиот натпревар. Со идентична разлика се замина и на голем одмор (17-12), а атмосферата во „Јане Сандански“ зовре во 34. минута кога македонскиот тим ги достигна највисоките +7 (20-13).

Истата предност подоцна ја имаше уште два пати, но Вардар, сепак, не отиде подалеку во својата цел. Монпелје направи серија од 3-0 за само -4 и потоа до крајот нашиот тим не се оддалечи на повеќе од пет гола предност.

Сега се виде колку Малку и Хориха недостасуваа на првиот натпревар бидејќи вечерва беа најефикасни во тимот на Вардар, постигнувајќи вкупно десет гола (шест Малус, четири Хориха). Воркапиќ додаде четири, а се истакна и Валах со дури 17 одбрани.

Со ова завршува европскиот настап на Вардар кој сега се врти кон домашните обврски и дуелот против Пелистер в четврток кога може да стави печат на шампионската титула, прва по пауза од четири години.