Беше ѕвезда на Арсенал, а денес е без ништо: Сопругата го оставила, не ги гледа ниту децата!

Од фудбалска ѕвезда со милионски примања до живот речиси без ништо, вака накратко може да се опише судбината на Емануел Ебуе кој е поранешен репрезентативец на Брегот на Слоновата Коска и фудбалер на Арсенал и Галатасарај.

Во неодамнешно гостување во подкаст, тој откри со какви проблеми се соочувал во изминатите години. Иако во кариерата заработил милиони, имал брак, деца и неколку недвижности… денес нема ништо, па дури ни право да ги гледа своите деца, Клара, Мае и Матис.

„Кога се појави опцијата со Сандерленд, бев пресреќен. Тренерот ми кажа дека сака да потпишам на две години и сè изгледаше совршено. Но, веднаш по потписот започнаа проблемите“, раскажа Ебуе.

Неговите агенти побарале милион евра, иако, како што тврди, ништо не направиле за него. Тој одбил да ја плати провизијата, случајот завршил пред ФИФА, а казната била едногодишна суспензија.

„Не можев ниту да тренирам со клубот. Тогаш мојата кариера тргна надолу“, вели Ебуе, а во истиот период се распаднал и неговиот брак.

„Мојата поранешна сопруга правела работи за кои не знаев. Сè се случуваше додека бев меѓу Англија и Турција. Кога Сандерленд го раскина договорот со мене, се вратив во Турција. Останав таму, криејќи се, затоа што не сакав луѓето да знаат дека сум без клуб. Ми беше полесно никој да не ме гледа и тогаш започна бракоразводната постапка“, раскажува тој.

По разводот останал без најголем дел од имотот, вклучувајќи куќи и пари, а поради финансиските проблеми на крајот банкротирал. Еден од најтешките удари бил губењето контакт со децата, кои поради судски одлуки не можел ниту да ги гледа.

Ебуе кариерата ја започна во Беверен, а во 2005 година пристигна во Арсенал, каде што играше и финале во Лигата на шампионите, подоцна го облече дресот на Галатасарај, а Сандерленд беше неговиот последен клуб.

Фото: Arsenal FC/X