Воведен лиценцен систем за кошаркарските клубови - нормалното само ставено на хартија!
Посебно важен сегмент од новиот правилник на КФМ се финансиските критериуми, предвидени во Член 8, кои поставуваат јасни стандарди во делот на минималните финансиски вложувања во играчкиот кадар, како и обврската за финансиска дисциплина кон Федерацијата.
Клубовите ќе треба да обезбедат и документираат минимален буџет за играчки договори, и тоа: – за клубовите во М-ТЕЛ Супер лигата – минимум 100.000 евра – за клубовите во Првата женска лига – минимум 15.000 евра Целта на овие критериуми, како што утврдија од КФМ, не е создавање дополнителен товар за клубовите, туку воспоставување на реален, одржлив и чесен систем, во кој натпреварувањето ќе се базира на стабилност, предвидливост и почитување на преземените обврски.
Како составен дел од лиценцискиот процес, секој клуб ќе треба да достави потврда за подмирени финансиски обврски кон Федерацијата, што претставува важен чекор кон воспоставување повисоко ниво на финансиска дисциплина и еднаков третман на сите чинители во македонската кошарка. Важно е да се истакне дека Федерацијата и претходно презеде конкретни чекори во насока на финансиско олеснување и стабилизација на клубовите.
Исто така, е донесена одлука за намалување на финансиските обврски од претходните натпреварувачки сезони за 40%, како и намалување на обврските од тековната натпреварувачка сезона за 20%, со цел да им се помогне на клубовите полесно да воспостават финансиска стабилност и да можат пореално да ја планираат својата иднина.
„Во таа насока, Федерацијата уште еднаш ги потсетува клубовите дека за овие поволности и попусти веќе се писмено известени, при што прецизно се дефинирани роковите до кои истите важат. Поради тоа, апелираме клубовите внимателно да ги следат утврдените временски рамки, бидејќи по истекот на предвидениот рок, попустите престануваат да важат, а за добивање лиценца ќе мора да биде подмирен целокупниот износ на обврските кон Федерацијата“, објасни КФМ.
КФМ соопшти дека условна лиценца нема да може да се издаде во случаи кога тимот има финансиски долгови или не ги исполнува финансиските критериуми, што дополнително ја потврдува определбата на Федерацијата за сериозен и одговорен пристап во функционирањето на клубовите.
Целта на КФМ не е санкционирање, туку создавање систем во кој клубовите постепено ќе се развиваат, ќе можат пореално да ги планираат своите обврски и ќе функционираат во средина на јасни правила, финансиска одговорност и спортска стабилност.