Кошаркарите предводени од Војдан и Стефанов јуниор ќе се „пробаат“ против Бугарија!

Македонската кошаркарска репрезентација утре ќе го одигра првиот контролен натпревар во рамките на подготовките за јулските средби од претквалификациите за СП 2029 и тоа против селекцијата на Бугарија во Самоков.

По неколкудневните тренинзи во салата „Лазар Лечиќ“ во Скопје, селекторот Жозеп Мариа Берокал го одреди составот од 13 кошаркари на кои ќе смета за првата проверка од подготвителниот циклус. На списокот се наоѓаат капитенот Војдан Стојановски, како и Стојан Ѓуроски, Марин Петков, Ваљмир Какруки, Виктор Ефремовски, Лука Стојановски, Резарт Мемед, Павел Иванов, Виктор Ташовски, Мухамед Тачи, Петар Бошалески, Тома Стојаноски и Рубин Стефанов, син на легендарниот Врбица Стефанов.

Натпреварот против Бугарија ќе започне во 18 часот по македонско време и ќе биде прва можност стручниот штаб да ја провери формата на репрезентативците пред официјалните предизвици. Македонија е лидер во групата „А“ од претквалификациите и во јули ја очекуваат последните две средби од циклусот – домашниот дуел со Ирска на 2 јули и гостувањето кај Луксембург на 5 јули.